Стефан Серафимоски – Летен состанок на finTeam

1. Твоето лето помина на малку поразличен начин. Раскажи ни нешто околу тоa

– Токму така, моето лето помина малку поработно од вообичаено лето на какво сме навикнати, но сепак успеав да се забавувам и да запознаам нови места и нови култури. Наместо на одмор или летен курс бев на летен состанок на комитетот за корпоративни односи на интернационално ниво (SM finTeam) кој се случуваше од 16 до 25 август во Варшава.

2. Што се случуваше на тој настан?

– Се работеше за доста интересен настан, на кој ние, членовите на комитетот за корпоративни односи на БЕСТ, имавме тренинзи од областа која ја работиме, а воедно, заедно со менаџментот на комитетот, ги дефиниравме целите и плановите за претстојната година. Но сепак, освен тоа успевавме добро да се забавуваме и да ја запознаеме полската култура и храна преку одлично организирани забави, како на пример полската вечер, каде пробавме од најпознатите полски специјалитети и ги научивме нивните национални танци. На настанот имаше учесници од преку 12 различни европски држави, секоја со различен јазик и култура.

3. Што работи комитетот за корпоративни односи?
– Како што името кажува, ние во комитетот за корпоративни личности сме доста мотивирани студенти од цела Европа кои на интернационално ниво работиме на соработка со големите интернационални компании, како Deutsche Bahn, Dell, Whirpool и многу други. Тие ја поддржуваат организацијата финансиски и преку учество на големите интернационални настани кои ги организираме, како на пример BEST Career Day кој ќе се одржи на 1 април 2016. Воедно компаниите се активни корисници на нашиот интернационален центар за кариера, во кој свои податоци и апликации имаат оставено преку 37 000 студенти од преку 95 технички универзитети на ниво на цела Европа. Тоа е голем систем кој треба постојано да се одржува, па тука настапуваме ние, кои како мотивирани и тренирани студенти во таа област контактираме со компаниите преку повици, состаноци и онлајн конференции.