Сигурно сте виделе научни саеми во американски стил (science fairs), но во Македонија многу ретко некој таков саем може целосно да ви ги долови тие искуства како во филмовите и сериите. Сепак, не е сѐ безнадежно, бидејќи амбициозните и работливите студенти-членови на БЕСТ Скопје секоја година се трудат да го организираат настанот во Европа познат како ЕВЕС, сѐ подобро и поусовршено од претходните години.
ЕВЕС е скратеница за European BEST Engineering Competition, натпревар којшто се состои од повеќе рунди (локална, регионална и финална рунда). Тука, на младите инженери им е дадена можноста да се предизвикаат себеси и притоа да ги покажат своите способности за креативно решавање на проблеми од техничките области. Така, во 2019 година кор-тимот за овој натпревар, вложи напор и време како никогаш досега, па од таа тимска работа и контактот со спонзорите го овозможија ЕВЕС во едно ново издание, со нов партнер. Станува збор за компанијата Костал, од Охрид, којашто е успешна и се покажа заинтересирана за овој настан. Можноста за организирање на овој настан претставуваше неописливо искуство и работа со прекрасни луѓе, коишто организирањето го направија интересно и полно со нови знаења, вештини и дружби. Благодарејќи им на сите одлични, одлучни и амбициозни личности, нафатени за целата организација на овој ЕВЕС, во 2019 се спроведе најдобрата можна варијанта на натпреварот.
Настрана од искуствата и новите знаења, целиот тек на организирање на ЕВЕС беше исполнет со предизвици, со препреки и со проблеми, кои создаваат потреба од заедничка, тимска работа и одлучност полна со идеи и решенија.
Официјалното отворање во Innofeit, Скопје, беше предводено од претседателот на осумнаесетиот борд на БЕСТ Скопје, Марин Малушовски, како и главниот организатор на натпреварот, Амар Хаџи Ахметовиќ, тие дадоа одлични говори и им оддадоа чест на
учесниците и домаќините на натпреварот.
По официјалното отворање на овој настан, наредниот ден (19. декември) отпатуваа учесниците и организаторите во Охрид, во просториите на Костал, каде што се одржа и самиот настан. По убавите зборови од претставниците на компанијата Костал, следуваа
четири часа напорна работа од страна на тимовите.
Осумте тимови, поделени на две категории (case study и team design), под притисок решително тргнаа по исполнувањето на нивните задачи. По истекувањето на времето беа презентирани проектите, а потоабеа прогласени победниците. Како победници на категоријата case study, беа прогласени членовите на тимот Einstein’s Neighbours, додека пак, за другата категорија, team design, беа прогласени членовите на тимот СЕF.
Освен победниците, беа наградени и пофалени и другите тимови, за својата одлучност кон победа, креативност и квалитет на решенијата. ЕВЕС не е само натпревар за награди, туку е и тестирање на смелост и снаодливост, како и на знаења и искуства.Задоволни беа и учесниците и факултетите од настанот, како и организаторите кои се засладија со убавото чувство на успех и со позитивните мислења и исходи од учесниците и соработниците.
Штом го прочитавте текстов, покажете смелост и храброст, па пријавете се на следниот ЕВЕС, стекнете нови знаења и искуства на овој настан. Знајте дека наредното издание на ЕВЕС нетрпеливо се очекува, знаејќи дека ќе биде уште подобро и ќе создаде уште многу убави спомени!