Секој напредок и развиток на образовниот систем е чекор понапред за нас како општество. Земајќи го ова предвид, БЕСТ како организација преку своите настани и сервиси се залага за развој на студентите и на образованието во секое можно поле. Еден од главните настани кои овозможуваат на секоја локална БЕСТ група да придонесе кон таа цел се Локалните настани за образование (Local Events on Education).
Која е всушност целта на овие настани?
Земајќи ги предвид студентите, факултетите и компаниите, нашата организација цели кон тоа да обезбеди средина каде што секоја страна ќе има можност за соработка, зајакнување на меѓусебната врска и заедничко работење кон поголеми промени. LEoE го остварува тоа преку обработка на теми кои се релевантни за образованието, и со чија помош заеднички правиме еден мал чекор до една голема цел – идеална средина за развиток на студентите.
Најчесто прашањата, како и одговорите и заклучоците од настанот се документираат и се праќаат до значајни тела, организации и институции со цел да се направи значајна промена. БЕСТ Скопје неколку години по ред успешно организира вакви настани и со
секој настан дава нова надеж за иднината на образованието.
На 17 декември 2019, во склоп на официјалното отворање на инженерскиот натпревар EBEC, БЕСТ Скопје го одржа Локалниот настан за образование во форма на панел дискусија на темата “Women in Engineering”. Ова издание на настанот, освен што имаше за цел да ги разгледа предизвиците со кои се соочуваат жените во
инженерските области, се фокусираше и на отсликување на една споредба – минатото наспроти сегашноста, но и размислувањето за иднината, и како може да се поддржат и мотивираат сите девојки кои започнуваат или размислуваат за кариера во оваа област.
Со цел да се доловат што е можно повеќе искуства и мислења, на оваа дискусија присуствуваа лица од секакви различни позиции поврзани со инженерството – и тоа професори, претставници на компании, како и студенти. На овој начин се потенцираше диверзитетот на мислења и се опфатија многу перспективи кои немаше да бидат
изразени без таа разновидност. Панелистите кои учествуваа беа професори од ФЕИТ Гога Цветковски и Христина Спасеска, претставник од APTIV Елена Папазоска, претставник од MCA Јана Владимирова, студент на ФЕИТ Бојан Страчковски и студентка на ФИНКИ, а воедно и главниот организатор на настанот Марија
Кипријанова. Прашањата беа поставени од страна на модераторот Ана Секуловска и дискусијата траеше околу еден час.
Темата опфати прашања во врска со недостатокот на жените во инженерството, како и причините за тој недостаток, дали има доволно иницијативи да се мотивираат оние кои имаат желба кон струката, какви мерки би се презеле за полов баланс во инженерство, и препораки за млади студентки кои имаат желба да влезат во полето на инженерство. Дискусијата ги доведе панелистите до многу продуктивни заклучоци и прогресивни решенија за иднината. Секој, вклучувајќи ја и публиката имаше прилика да се изрази, да извлече свој заклучок во врска со темата и да слушне мислење на професионалци како и на студенти со лично искуство. Панелистите донесоа свежи перспективи, лични искуства и дискусијата заврши со една охрабрувачка порака за сите идни жени инженери:
„И покрај пречките, секој што има желба може да успее, затоа не се обесхрабрувајте. Имајте доверба во себе и работете за она што го сакате.”
Секој панелист придонесе во пријатноста на атмосферата за време на разговорот и во исто време заеднички успеаа и да го задржат вниманието на публиката за време на целата дискусија, а дури и после истата не престануваа разговори за темата меѓу присутните. Токму затоа е важно да се започнуваат овие разговори, поттикнуваат
дебати и дискусии преку кои може да се најдат решенија и да се постигне личен, професионален и општествен прогрес, особено за младите инженери.
Овој настан е организиран со огромна љубов – од студенти, за студенти, и токму тоа го прави незаменлив за секој што има прилика да учевствува. Интензивниот труд од страна на сите кои организираат една ваква дискусија е многу битен чекор за промена
и голема гордост ни е што успеавме да собереме професори, студенти и професионалци и заедно да најдеме решенија во високото образование.
Исходите од настани како LEoEs се зачувани и потоа се работи на тоа од истите да произлезат добри извештаи кои ќе стигнат до сите кои се засегнати за оваа тематика. Присуствувањето на еден ваков настан е незаменливо искуство, и БЕСТ Скопје се надева дека ќе имате сите прилика да бидете дел од промената која ќе ја поттикнете.