За една организација да се надградува во своето постоење низ годините, важен дел е константно да се донесуваат вистинските одлуки кои се од клучно значење; така, БЕСТ секогаш ќе напредува и се развива, и нуди понатамошен развитокот на студентите.
Еден од најважните настани во БЕСТ како интернационална организација е Генералното Собрание (GA) – настан на кој се гласаат предлози поврзани со иднината на организацијата и се даваат мислења за актуелни теми. Дополнително, на овој настан се одбира наредниот интернационален борд, кој цела година ќе биде одговорен за раководењето на различни аспекти од организацијата.
Оваа година, Генералното Собрание беше изгласано да се одржи во Истанбул, во периодот од 11 мај до 17 мај. Со оглед на ситуацијата со COVID-19, истото беше префрлено да се одржува преку онлајн конференциски повици.
На овој настан секоја година присуствуваат еден до двајца делегати од секоја локална БЕСТ група, а оваа година не претставуваа Маја Крстева и Славе Темков, полноправни членови и членови на локалниот борд на БЕСТ Скопје.
За да дознаеме повеќе за Генералното Собрание и да се обидеме да го доловиме духот на овој настан, им поставивме неколку прашања.
– Зошто се важни генералните собранија за нашата организација?
Маја: Генералните собранија се можеби најважниот настан во БЕСТ, бидејќи на истите се донесуваат важни одлуки. Овие одлуки не влијаат само на интернационалниот аспект на БЕСТ, туку и врз секоја локална БЕСТ група, вклучувајќи го и БЕСТ Скопје. Замислете го следново – на едно место се собираат голем број волонтери од БЕСТ и други студентски организации, кои се дружат, споделуваат искуства, и дискутираат на различни теми поврзани со иднината на нашата организација. Звучи возбудливо, нели?
Славе: Освен тоа што легално секоја локална БЕСТ група е обврзана да испраќа делегати секоја година, чувството да си дел од еден ваков настан е навистина посебно.
Да можеш да отидеш и да го искажеш своето мислење на работи кои се релевантни за организацијата, и да бидеш дел од поголема промена, го дава тоа чувство дека сите посебни локални БЕСТ групи сме дел од една заедница. Поминувањето на толку време во работа и дружба на ваков настан многу придонесува на мотивацијата на сите, и припадноста дека сите сме заедно на патот кон меѓусебно развивање
-Зошто токму вие имавте желба да се пријавите како делегати за ваков настан?
Маја: Едноставно сакав да искусам еден интерен настан кој е од големо значење за нашата организација, кој нуди големо знаење и воедно ширење на поголеми познанства. Секогаш сум сакала да присуствувам на GA бидејќи сметам дека ќе донесам големо знаење кое ќе користи во мојата локална БЕСТ група. Исто така, обожувам да патувам и да запознаам нови луѓе, и ова беше совршената прилика за тоа.
Славе: Одамна имав слушано за самиот настан и општо за генералните собранија во БЕСТ, и знаев дека се дефинитивно нешто што сакам да го искусам. Ова беше добра прилика заедно со Маја да ја претставиме нашата локална БЕСТ група во најдобро светло. Се познавам со голем број волонтери во БЕСТ од други земји, со некои се имам видено во живо, со некои не, и сакав конечно да се сретнам со нив. И како што кажа Маја, да слушнеш нови перспективи и идеи од луѓе од други земји е навистина важно за самиот придонес кон БЕСТ Скопје на локално ниво.
-Како се одржа GA оваа година?
Маја: Во споредба со останатите години каде што GA се одржува на едно место, оваа година за жал бевме приморани овој настан да го одржиме онлајн. Поради пандемијата со која се соочивме, секој делегат присуствуваше на Генералното Собрание од својот дом, на конференциски повици кои се случуваа секој ден. Ова покажува дека БЕСТ е навистина флексибилна организација која работниот дел го сфаќа сериозно, и сите се стремевме кон најголема ефикасност и ефективност при работата.
Славе: Да, самите конференциски повици се одржаа на Zoom, но се користеа и други алатки при работењето. За гласањето на интернационалниот борд се користеше дополнителна алатка за ефикасно и анонимно гласање, а самите сесии за предлозите се одржуваа како сесии за прашања – Question Rounds. Претходно, до сите членови беа достапни самите документи за предлози, а на конференциските повици засегнатите делегати ги одговараа прашањата.
За избирањето на интернационалниот борд – имаше говори што може да ги гледа кој било член на БЕСТ, и дополнителни Question Rounds за секој кандидат.
На крај, самото гласање се одвиваше во живо. Дополнително, се обидовме да одржиме и некои од традициите кои се случуваат на секое GA, колку што може да се направи тоа онлајн.
-Како би го опишале вашето искуство на овој настан?
Маја: Искуството дефинитивно ќе го паметам за цел живот! И покрај тоа што беше напорно секој ден да се вклучуваш на онлајн сесии и состаноци, сепак беше еден нов предизвик за нас, и навистина се потрудивме да се посветиме максимално.
Воедно, се обидовме и колку што можеме најдобро да го пренесеме знаењето на членовите од нашата локална БЕСТ група, за сите заедно да донесеме правилна одлука при гласањето. Секако дека ми е жал што ја немавме можноста да го посетиме Истанбул и да се запознаеме во живо со другите делегати, ама и овој начин на комуникација со останатите беше едно уникатно искуство.
Славе: И јас секако жалам што не успеавме да го доживееме настанот традиционално како секоја година, но сепак искуството не беше до толку разочарувачко. Успеавме колку што е можно повеќе, во вакви услови, да го искусиме настанот. Самата чест и одговорност што ја имавме како претставници беше голема, и пробавме одговорноста да си ја сфатиме сериозно.
Сепак доброто е што, иако физички не можевме да бидеме присутни со другите, имаше некаква комуникација… со другите делегати меѓу себе се прашувавме за мислење и работи кои не ни биле најјасни. Колку – толку барем се знае дека сме го извлекле максимумот во вакви услови.
-Кое е едно нешто кое го научивте од овој настан?
Маја: Дефинитивно ми помогна во тоа повеќе да се запознаам со интернационалната страна на БЕСТ како организација! Можностите кои БЕСТ ги нуди се навистина прекрасни, па доколку некој има прилика да се пријави да учествува на каков било БЕСТ-овски настан, сигурна сум дека ќе има едно прекрасно искуство и доживување.
Славе: Сфатив дека без оглед на се што се случува, секогаш постои начин како да се прилагодиме кон моменталната ситуација. Колку и да е пропаднат некој план, сепак доколку сме флексибилни можеме да најдеме начин за истиот да се оствари. Во ситуација каде што не можеме да се видиме во живо а треба да се донесат важни одлуки, клучно е да бидеме доволно информирани. Само така, ќе можеме да придонесеме за подобра иднина за целата организација.