Си размислувал ли некогаш кое е значењето на еден студент, што ти нуди овој период од животот и која е најдобрата прилика којашто можеш да ја искористиш додека ја поседуваш истата? Нешто што те возбудува секојпат кога ќе го слушнеш, ти ја полни енергијата и ја буди твојата имагинација додека трае и од коешто секогаш си носталгичен кога ќе заврши?
Си размислувал ли за студентите во светот, нивната култура, вештини и идеи? За патување, дружење и уживање? Да, токму тоа, уживање во кое се надоградуваш себеси, и надоградување во кое уживаш. Знаењето кое тие можат да ти го пренесат и уште повеќе, тоа кое ти можеш да им го пренесеш ним?
Знаеш ли дека токму БЕСТ ти ја нуди оваа единствена шанса да се спознаеш себеси и твојата вистинска моќ како студент? Токму затоа, со тебе споделуваме три фантастични и реални приказни за екстравагантните прилики коишто ќе ги искусиш во него.
Маја, Владимир и Сара, нашите БЕСТовци, кои бројат повеќе од две години членување во организацијата, раскажуваат за нивното највпечатливо патување и те повикуваат да станеш дел од оваа по малку луда и малку повеќе авантуристичка шанса да го свртиш светот и да ги стекнеш највпечатливите и неповторливите искуства.
1. Можеш ли да ни одвоиш едно омилено патување во БЕСТ и да ни кажеш што го направи токму тоа искуство посебно?
Маја: Како едно од моите омилени патувања би го издвоила токму моето прво патување во БЕСТ кое и ме заинтригира да дојдам во нашата организација, а тоа е курсот за Game Design и VR во Louvain-la-Neuve – Белгија, 2018-та година.
Владимир: Тежок избор е ова бидејќи секое патување беше посебно искуство и на некој начин тешко е да се споредат, но штом морам да одберам ќе го истакнам мојот прв курс во Коимбра – Португалија (Los Pollymeros Hermanos).
Сара: Со оглед на сите можности за патување што ги нуди БЕСТ на своите членови тешко е да се одбере само едно. Но, доколку баш би морала би ја одбрала Културната Размена во Белгија во 2019 година. Културната Размена беше настан организиран од Локалната БЕСТ група во Лувен помеѓу членови од Лувен, Скопје, Алборг и Копенхаген.
2. Колку време траеше и дали беше сам/а или со други членови на БЕСТ?
Маја: Курсот траеше 10тина дена и бев заедно со уште еден наш Бестовец Џемо, кој тогаш не беше член во организацијата исто како мене.
Владимир: Курсот траеше 13 дена што е доста долго за еден БЕСТ курс. Немав никој друг од Скопје со мене, но тоа не беше проблем бидејќи се запознав со многу други членови на БЕСТ таму.
Сара: Настанот траеше една недела во која имавме можност да посетиме четири градови во Белгија. На културната размена бевме 15 членови на БЕСТ Скопје со различни стадиуми на членство.
3. Што те мотивираше да се пријавиш?
Маја: Најголема мотивација и желба добив од сите убави искуства на луѓе коишто веќе биле на курсеви, како и од информативниот состанокот на БЕСТ.
Владимир: Во моментот на пријавување бев речиси потполно нов член и немав некоја вистинска претстава за тоа што е „Бестовски курс“, па главната мотивација ми беа приказните на сите што дотогаш отишле на некој таков настан. Премногу беа задоволни и раскажуваа за истите како искуство што се памети засекогаш.
Сара: Желбата да патувам, да дознам повеќе за белгиската култура, историја, традиција и да се запознаам со други студенти од Европа.
4. Која беше твојата функција таму?
Маја: Бев партиципант и присуствував на сите часови и работилници, како и на сите денски и ноќни културни активности.
Владимир: Бев учесник на курсот, па немав некои поголеми обврски, освен да одам на предавања. Понекогаш им помагав на организаторите бидејќи кратко време пред да тргнам за курсот бев дел од кор тимот за скопскиот летен курс и бев запознаен како е да се организира таков настан.
Сара: На настанот бев присутна како учесник, сѐ на сѐ бевме околу 30 учесници. Иако на почетокот не се познававме со учесниците од другите градови, до крајот на таа една недела станавме добри пријатели. Некои од нив дури и дојдоа да нѐ посетат во Скопје набрзо по завршувањето на културната размена.
5. Дали имаше некое предзнаење пред да отидеш?
Маја: Ја завршував втората година од факултетот па имав некое минимално знаење, но дефинитивно повеќе застапуваше желбата да научам нешто ново.
Владимир: Единственото предзнаење ми беше малку хемија што имав учено во средно, но сепак и тоа беше корисно за доста работи.
Сара: Со оглед на природата на настанот не беа потребни посебни предзнаења, само желба за учење нови работи.
6. Што научи од ова искуство?
Маја: Дека студентскиот живот ми бил неисполнет и фалел уште еден ‘chapter’ за совршено да се затвори оваа книга. После овој настан знаев дека следниот чекор ми е зачленувањето во оваа организација.
Владимир: Многу работи, навистина многу. Од сѐ тоа дури и хемијата си ја подобрив малку. Сепак, главното нешто беше тоа да видам како еден тим од луѓе од многу различни места може да функционира заедно, како од аспект на работа, така и од аспект на забава, а во меѓувреме да се создадат пријателства коишто постојат до ден-денеска.
Сара: Покрај работите што ги спомнав во претходните прашања научив како совршено да синхронизирам патување со авион, автобус и воз едно по друго.
7. Дали ова патување ти го смени погледот кон некои нешта и ако да, како?
Маја: Ми ги прошири хоризонтите и ми створи желба да сакам да излезам од мојата комфорна зона и да запознавам уште повеќе луѓе.
Владимир: Дефинитивно, на пример, кон образованието во глобала, кон Португалците и кон сите останати БЕСТ групи во Европа. Ова беше првпат да отидам на некое вакво патување и ми отвори многу нови погледи и хоризонти како и нови начини на размислување.
Сара: Да! Пред сѐ сознав дека иако доаѓавме од сосема различни држави, речиси на два спортивни краеви на Европа, со различни полиња на студии, различни возрасти сепак имавме доста заедничко со останатите учесници. Беше навистина убаво да се види визијата кон која се стреми нашата организација – „Empowered Diversity“ на дело и да се искуси од прва рака.
8. Опиши го твоето искуство во три збора?
Маја: Емотивно, возбудливо и незаборавно.
Владимир: Учење, дружење, забава.
Сара: Авантура, дружење и многупомфрит (да се правиме дека е еден збор).
9. Како искуството што го стекна таму ти служи денес?
Маја: Ми помогна многу при комуникацијата со луѓе, но и знаењето од самиот курс беше совршена прилика да дознаам што би сакала понатаму да работам.
Владимир: Тогаш уште бев на почетокот на моето патешествие во БЕСТ, ми помогна да да разберам многу работи за тоа како функционира организацијата на интернационално ниво, а тоа ми беше прилично корисно понатаму. Исто така, бројот на контакти што сѐ уште ги имам се одлични поради тоа што имаш со кого направиш муабет, како и да честиташ роденден, да најдеш привремено сместување кај некој пријател или пак да направиме повторно склопување. Од аспект на академско знаење не ми помогна многу затоа што студирам на друг факултет, но сепак беше интересно, и секако секое знаење е добредојдено.
Сара: Во склоп на настанот имавме и тренинг сесии за меки вештини, конкретно за што значат и како да се одржат ефективни состаноци. Оваа сесија, како и сите останати на коишто имам присуствувано во БЕСТ ми помагаат секојдневно, во навигација на личниот, како и на професионалниот живот.
10. Што е нешто што нема никогаш да го заборавиш од ова патување?
Маја: Дружбата со другите партиципанти и сите познанства коишто ги стекнав низ цела Европа.
Владимир: Голем дел од луѓето што ги запознав тогаш.
Сара: Посетата на прекрасниот Бруж, дефинитивно е еден од најубавите градови што некогаш сум ги видела. Исто така, би ја издвоила и Белгиската вечер каде што имавме можност да пробаме традиционална храна, слатки и пијалоци.
11. Омилениот дел од секое БЕСТ патување?
Маја: Блискоста со луѓето коишто штотуку си ги запознал, а имаш чувство како да ги познаваш целиот живот.
Владимир: Дружењето. Иако речиси сѐ е супер, сепак дружењето и пријателите се тие кои остануваат и за понатаму, што е и еден од главните делови на секој БЕСТ настан, заедно со учењето, соработката и забавите.
Сара: Покрај очигледниот одговор дека сите сакаме да патуваме и да видиме интересни и нови места, она што за мене го прави патувањето преку БЕСТ посебно е тоа што каде и да отидеш во Европа ќе има некој друг БЕСТовец што ќе одвои време да те прошета и да ти помогне со буквално сѐ, од сместување до снаоѓање во јавен превоз. Во моите 3 години членување во БЕСТ сум имала можност да патувам на многу места низ Европа за различни настани, но кога си со БЕСТовци во секој град можеш да се почувствуваш како дома.
12. Порака до сите што размислуваат за ваков потег?
Маја: Учествувањето на било кој настан од БЕСТ е најдобрата одлука која може да ја донесете, учите по нешто ново, се запознавате со културите на другите земји и создавате пријателства за цел живот. Не двоумете се и зграпчете ја уште првата прилика која ви се нуди.
Владимир: Да не размислуваат многу, штом почнат повторно да се организираат курсеви во живо да си најдат термин, место и тема што им одговара и што побрзо да го напишат мотивационото писмо. Да не чекаат до последен ден ко јас, секогаш.
Сара: Не размислувајте воопшто! Искористете ја секоја можност за БЕСТ патување, без разлика дали на курс или некој интерен БЕСТ настан. Ваквите патувања од студентските денови не се нешто за кое што ќе имате бесконечно шанси, а истите нудат можност за многу знаење, дружба и незаборавни искуства.
БЕСТ е место кое те инспирира, те насочува и ти помага да стекнеш знаења од сите области, да се запознаеш со многу функции, научиш нови вештини, но и да се изненадуваш од тие кои веќе ги поседуваш. Се пронаоѓаш и се предизвикуваш во нешта кои никогаш не си очекувал/а, се надоградуваш и издигнуваш кон твоите цели и целите на организацијата, а во тоа никогаш не ти е здодевно, зашто никогаш не си сам/а. Ние го правиме тоа искуство единствено и уникатно.
Владимир, Маја и Сара се сѐ уште посветени, работат и ги исчекуваат следните патувања и курсеви кои ќе го надополнат како нивниот студентски живот, така и нивната биографија. Тоа им овозможува секогаш да бидат чекор пред другите, да бидат поподготвени и покомпетентни во нивната професија.