Патот до посакуваната работа или пракса – три различни, но успешни искуства

Еден од главните предизвици на денешните студентите е наоѓањето на потребната пракса или работа. Потребата за практично знаење станува сѐ поголема и побарана од страна на компании, но голем број студенти иако ја имаат желбата, ја немаат храбоста за да го земат тој следен чекор.

Стравот почнува од правење на првичниот контакт со компанијата, продолжува кон оставање на своето CV и мотивационо писмо, па интервјуата или задачите што следат и завршува со најтешкиот дел, кој е финалниот одговор за дали позицијата е твоја или не. Овој процес може да одземе многу време и енергија и на крајот да биде доста демотивирачки за многу студенти.

Како што БЕСТ – Скопје се стреми да им помага на студентите со нивниот кариерен и професионален развој, така им помага и на своите членови. Емилија Трајкоска, Филип Таневски и Ирина Чабуковска се членови на БЕСТ – Скопје, кои успешно го поминале процесот на барање работа и пракса. Во продолжение ќе можете да прочитате за искуствата на Емилија и Ирина при потрага на работа и за искуството на Филип при потрага на пракса.

  1. Како го почнавте процесот на барање работа/пракса? Дали се чувствувавте самоуверени и подготвени за тој следен чекор?

Емилија: Процесот на барања работа го започнав во последната година од моите студии. Како студент којшто беше на праг да навлезе во професионалниот свет постоеше доза на страв за тоа што ме очекува понатака и како ќе успеам да се снајдам во една сосема нова средина.

Филип: Покрај тоа што се имам стекнато со доста знаење во текот на моите студии, стигнав до заклучок дека наредниот чекор за да можам да ги продлабочам истите знаења и да научам нешто ново е да почнам да барам пракса или работа. Секој ден проверував дали има огласи на социјалните медиуми како и на веб страниците на компаниите за позиција што ќе ми привлечеше внимание и за која ќе можев да го пратам моето CV.

Ирина: Контактите и врски кои ги остварив за време на волонтирањето во БЕСТ беа од голема помош и придонесоа кон собирањето храброст за да го започнам процесот на барање работа.

  1. Во колку компании аплициравте, пред да ја добиете вашата работа/пракса? Како стапивте во контакт со истите?

Емилија: Компанијата каде што се вработив беше првата во која аплицирав. Оставив  време да добијам одговор од истата пред да аплицирам во друга компанија. Но за среќа, тоа не беше потребно. Што се однесува на првиот контакт со нив, истиот се случи откако им го испратив моето CV преку објавениот оглас на нивната веб страна.

Филип: Имам аплицирано во повеќе компании, не би можел да дадам точна бројка бидејќи и јас не сум сигурен. Генерално стапувањето во контакт беше преку формите за пријавување за пракса или преку Email каде што го доставував моето CV како и мотивациските писма.

Ирина: Имав аплицирано во многу комапнии, бројот дефинитивно беше поголем од 30 и тоа беше навистина обесхрабрувачки во одредени моменти. Контактот најчесто беше спроведен преку е-маил, а некогаш и преку телефонски повик. 

  1. Што најмногу ви помогна при пишување и средување на вашето CV?

Емилија: Имам присуствувано на неколку работилници за пишување и подобрување на своето CV. Една од нив беше и “Online Workshop: Job Hunt Prep” работилницата, којашто се организираше во склоп на минатогодишниот Job Fair. Секогаш е од корист да слушнеш некој совет плус од искусни професионалци бидејќи дознаваш повеќе за тоа како да оставиш што е можно подобар прв впечаток, токму преку своето CV.

Филип: Првото CV што го имав напишано пред да имам стекнато некакво професионално искуство како пракса или работа, нешто што многу ми помогна да го пополнам беа воннаставните активности како учество на натпревар, волонтирање во студентска организација каде што се стекнав со многу меки вештини кои ми помогнаа да го збогатам тоа CV и да оставам добар впечаток пред вработувачите.

Ирина: Како поранешен член на БЕСТ Скопје со гордост можам да кажам дека сѐ што научив околу подготовките за аплицирање за работа, ги научив од БЕСТ. JobFair, тренинзите и сесиите ме подготвија комплетно. 

  1. Каков беше процесот на селекција? Колку интервјуа имавте и дали ви дадоа некои задачи за да видат до каде е вашето знаење?

Емилија: Процесот на селекција беше во неколку фази. Најпрво, требаше да решам неколку логички задачи. Потоа следуваше тест на англиски јазик, чија цел беше проценка на познавање на јазикот. Следно беше интервју со одговорните за човечки ресурси. Последниот дел од процесот на селекција беше уште едно интервју, овојпат со одговорните од одделот за кој аплицирав.

Филип: Процесот на селекција знае да е различен од компанија до компанија меѓутоа го имаше во секоја каде што аплицирав. Во некои од компаниите тоа се состоеше само од интервју, во други и од интервју а и од решавање на задачи, некаде дури имаше и решавање на задачи во повеќе кругови за да можат да одберат соодветни кандидати.

Ирина: Конкретно за работната позиција на која сум сега имав две интервјуа, едно воведно на кое доколку поминеш одиш на наредното. Имаше работни позиции кои имаа и повеќе интервјуа, имаше и некои кои имаа само едно, а само едно се состоеше со краток тест за проверка на знаењата.

  1. БЕСТ – Скопје го организира Job Fair – Саемот за вработување и кариера. Вие како БЕСТовци сте се здобиле со искуството при помагање на организација на ваков настан. Дали тоа искуство ви има помогнато при вашата потрага за работа/пракса? Ако да, како? Дали можеби и преку Job Fair сте добиле работа/пракса?

Емилија: Работењето на организирање на настан како што е Job Fair секако има свои предности. Веќе имав стекнато искуство за работа во тим на реален проект, бев во контакт и одржував професионална комуникација со луѓе од компании, имав стекнато искуство за менаџирање на различни ресурси и задачи. Токму сето ова ми даде поголема сигурност при одговарање на дел од прашањата кои ми беа поставени за време на двете интервјуа.

Филип: Преку организација на настан од толкаво значење дефинитивно се стекнуваш со вештини кои ќе ти помогнат во понатамошното барање на работа или пракса. При помагањето во организација на настанот стапував во контакт со многу компании што многу ми помогна понатаму бидејќи сѐ подобро и подобро успевав да се претставам себеси пред компаниите, а воедно и тоа што го нудам.

Ирина: Како што напоменав погоре БЕСТ Скопје и Job Fair се главната причина и мотив заради кои започнав со работа. Верувам дека искуството и знаењета со кои се здобив за време на волонтирањето не би можела да ги добијам на друго место. Преку Job Fair немам добиено ниту пракса ниту работа иако сум имала неколку шанси, но причината за тоа беше што во тој период од животот не бев подготвена за да започнам со работа и воглавно сакав да се фокусирам на работата во организацијата и студиите.

  1. Дали имаше компании кои ве одбија при вашата потрага?

Емилија: Не.

Филип: Дефинитивно имаше компании што ме одбија, меѓутоа не гледав на тоа како нешто што ме демотивира туку баш напротив, ме натера уште повеќе да се вложам во барањето на работа или пракса, и да го користам секој момент што можам за да научам нешто ново.

Ирина: Спомнав и погоре, имав алицирано на преку 30 работни позиции и секако поголемиот дел од тие компании не ме ни контактираа. Мислам дека неизбежно е да бидеш одбиен кога станува збор за аплицирање за работа, и мислам дека е многу важно да запамтиме дека тоа е само еден мала пречка на патот кон постигнување на целта. 

  1. Какво ви беше целокупното искуство од процесот на барање работа/пракса?

Емилија: Kога си во процес на барање на работа или пракса сметам дека кај повеќето постои доза несигурност, но истовремено и возбуда за тоа дали ќе се вработат, дали ќе се снајдат со новите предизвици, дали ќе се пронајдат во работата што ја нашле и така натака. Токму тоа се случи и кај мене. Но сепак беше едно искуство плус кое ми помогна да бидам посигурна не само при барањето, туку и при понатамошното извршување на самата работа.

Филип: Беше едно интересно искуство исполнето со подеми и падови, ама доброто е што после секое интервју учиш нешто ново од грешките што ќе ги направиш и знаеш каде имаш простор за подобрување за кога ќе дојде следното интервју, да бидеш уште поспремен од минатиот пат.

Ирина: Долго, во некои моменти разочарувачки и исцрпувачко, но без да размислам би кажала дека навистина сум многу среќна што поминав низ сето тоа и стигнав до работна позиција која навистина ме исполнува и прави среќна.

  1. Кој би бил еден совет што би им го дале на студенти кои бараат работа/пракса?

Емилија: Да излезат од својата конфорна зона и да не се плашат да земат нови предизвици. Токму тие предизвици можат да бидат клучни во градењето на нивната идна кариера.

Филип: Едно нешто што не можам доволно да го потенцирам е никогаш да не губите мотивација ако добиете негативен одговор од една компанија, туку да гледате на тоа како лекција за друг пат. Ако во една компанија не ве примат, или во друга или трета, ќе има некоја четврта што ќе ви го види потенцијалот и ќе ви помогне да се надоградите себеси. Сѐ додека имате волја да научите нешто ново и да си ги подобрите вашите вештини, не дозволувајте ништо да ве демотивира.

Ирина: Да не се разочаруваат, откажуваат и секогаш да целат кон тоа што ги прави среќни. Можеби треба повеќе време и енергија дур да стигнеме до посакуваното работно место но на крајот навистина вреди.

Емилија, Филип и Ирина се личности што не се откажале и стигнале до својата цел, дали на потежок или полесен начин. 

Нивните индивидуални искуства и надминати пречки треба да ви се мотивација и инспирација за никогаш да не се откажете од посакуваната цел. 

Стално стремете кон тоа што ве прави среќни и кон тоа што ќе ви помогне да се надоградите себеси. Потенцијалот ќе ви биде виден и тоа ќе ви помогне да станете личноста што се сонувале да бидете.

Доколку сакате помош при земање на вашиот прв чекор, можете да започнете со оставање на вашето CV на кариерната платформа на Job Fair (vjobfair.org.mk).