Зошто да се учествува на EBEC?

EBEC (European BEST Engineering Competition) е инженерски натпревар за студенти организиран од европската студентска организација – БЕСТ. 
Овој натпревар е одлично искуство за идни инженери бидејќи ќе им се пружи шанса на сите натпреварувачи да се надоградат себеси и ќе ги предизвика да најдат теоретско или практично решение за одреден проблем.

Европскиот инженерски натпревар им нуди поголем диверзитет на студентите!
Case Study и Innovative Design се двете категории во кои натпреварувачите може да учествуваат. Овие категории ја будат иновативноста на два различни начина:

Case Study е категорија каде што ќе ви биде даден конкретен проблем и вие треба да најдете решение. Ова решение е теоретско и треба да се состои од низа чекори коишто вие ќе ги смислите.

Innovative Design е категорија каде ќе ви биде даден некој проблем и вие преку истражување ќе треба да дојдете до некоја иновација или продукт со којшто ќе може да се реши тој проблем. Треба да имате замисла и реален начин на којшто би можело таа замисла да се изведе.

Оваа година EBEC повторно се враќа во живо. За да дознаете зошто токму ВИЕ треба да бидете дел од EBEC, прочитајте ги 5-те најдобри причини:

1. Победниците ќе имаат можност бесплатно да патуваат низ Европа

Дали сте знаеле дека EBEC е натпревар во повеќе рунди?
БЕСТ Скопје ја организира Локалната рунда во Скопје, а победниците на локалната рунда ќе имаат можност да учествуваат на Регионалната (Балканска) рунда во Марибор, Словенија. За крај, победниците од Регионалната рунда ќе имаат шанса да се натпреваруваат на Финалната рунда во Загреб, Хрватска, каде што ќе се соочат со победниците од останатите Регионални рунди.

2. Стекнување на меки вештини, особено тимска работа

На EBEC учесниците се натпреваруваат во тимови, составени од по 4 члена, а секој успешен EBEC тим има нешто заедничко – тимска работа. Работењето во тим бара стремење кон заедничка цел, поделба на улоги и одговорности, оптимистички ставови, тимски правила, и поддршка на останатите членови. Затоа учеството на EBEC е одлично место да се стекнат и надоградат овие вештини.

3. Шанса за откривање на нов талент

Со учество на EBEC ќе имате можност да го покажете вашиот талент и да ги примените и надоградите вашите знаења. Самото учествување на каков било натпревар нè става во средина каде што нашата иновативност и досетливост се будат и можеме да се изненадиме самите себе од тоа какви решенија можеме да смислиме, што би довело до тоа полесно да ги постигнуваме нашите цели.

4. Претставување пред компании

EBEC може да ве поврзе со познати технички компании во нашата држава, а и на ниво на цела Европа преку учествување на Регионалните и Финалните рунди. Стандардното аплицирање во компании може да биде напорен процес, кој нема да ги покаже вашите способности и знаења на соодветен начин. Со вашето учество на EBEC ќе имате шанса да се запознаете и со вработените на партнер-компаниите и да ги воодушевите во живо со вашата посветеност, знаење и вештини коишто ќе ги стекнете на овој натпревар.Често се случува на учесници на EBEC да им биде понудена пракса или работа во партнер-компанијата, и истите тие компании имаат пристап до нивното CV и можат кога било да ги повикаат на интервју, што го прави EBEC вистинското место за истакнување пред компаниите.

5. Составување на совршеното CV

Учеството на EBEC е одличен начин да се истканете од останатите и да го составите совршеното CV. Ако имате интерес за теми во и надвор од вашиот смер, на EBEC може да ги покажете сите ваши способности и интереси. Збогатувањето на шареноликата вештинска палета на вашето CV ќе ви помогне да се истакнете себеси меѓу останатите.

EBEC е вистинскиот натпревар кој ќе ви дозволи да се надминете себеси и да се здобиете со многу меки вештини, како и препознаеност од компаниите.

Не чекајте повеќе и зграпчете ја можноста да бидете дел од EBEC (European BEST Engineering Competition)!
Пријавете се вие и вашиот тим од вкупно 4 учесници: https://forms.gle/VRW94i3DT3d1pDBv8
За повеќе информации за учество на EBEC, следете ги социјалните мрежи на БЕСТ Скопје на Facebook и Instagram (@bestskopje)