Job Fair – Седумнаесетгодишна традиција што постојано се развива

Сѐ започна со јасни идеи остварување на директен контакт помеѓу студентите и работодавците и давање на кариерна поддршка на студентите, а овие идеи до ден денес се движечката сила зад добропознатиот Саем за вработување и кариера – Job Fair. Благодарение на овој порив, ние секоја година успеваме да го оствариме саемот и да им го дадеме на студентите токму она што им треба.

Патот кон воспоставување на настанот како долгогодишна традиција беше исполнет со многу предизвици, но успехот и новитетите на секое издание поттикнуваа доволно мотивација кај нас членовите за да продолжиме да го организираме Job Fair секоја година.

Првото издание на Job Fair и првиот CV Book

Сепак, секоја традиција си има почеток, па така и Job Fair ја започна својата успешна приказна во 2005 година. Желба, мотивација и упорност се само дел од причините поради кои настанот воопшто се одржа, но сиот вложен труд се исплатеше, и во март 2005 г. се одржа првото издание на Job Fair. Холот на Факултетот за електротехника и информациски технологии (тогаш Електротехнички факултет) и на Машински факултет беше исполнет со штандовите на девет партнер-компании, коишто имаа можност да се претстават пред студентите. Студентите пак, мотивирани од слоганот „Твојата идна дестинација“, имаа можност да ги посетат тие штандови, да се информираат за компаниите и да слушнат предавања на кариерни теми.

Но, најважно од сѐ, тие имаа можност да пополнат своја кратка биографија, и сите собрани кратки биографии беа доставувани до компаниите во форма на CV Book на CD, со што работодавците можеа да ги разгледаат профилите на студентите и да ги повикаат некои од нив на интервју.

Создавањето на официјалната веб-страница jobfair.org.mk и првиот образовен форум

По успехот на првото издание, потребно беше да се најде начин како саемот да биде подобар од претходно и како да нуди повеќе можности за кариерна поддршка на студентите. Со таа цел, на Job Fair 2006 најважен новитет беше создавањето на официјалната веб-страница на настанот ‒ jobfair.org.mk. Главна одлика на страницата, и тогаш и сега, е тоа што студентите можат лесно и ефикасно да остават свое CV онлајн. Компаниите имаат пристап до прикачените кратки биографии и можат онлајн да ги разгледуваат во создадената CV датабаза.

Покрај страницата, новитет беше и одржувањето на првиот Образовен форум на тема „Наставните програми наспроти потребите на пазарот на трудот“, давајќи им можност на студентите да ги слушнат ставовите на професорите и работодавците, како и јавно да дадат свое мислење на темата и да развијат плодна дискусија.

Проширување на две локации и воведување на работилници

По три изданија одржани во само еден хол, Job Fair 2008 ги пополни холовите на две локации: во зградата на Факултетот за електротехника и информациски технологии и на Машински факултет, како и во зградата на Градежен факултет и Архитектонски факултет. Ова проширување му овозможи на саемот да постигне голема бројка на посетеност и да запознае уште повеќе студенти со тогашните дваесет и четири партнер-компании.

Настрана од вообичаените предавања и разговори на штандови, во склоп на ова издание се организираа и три работилници (Case Studies), кои им овозможија на студентите да ги покажат своите вештини пред работодавците.

Првото дводелно издание на Job Fair

Во 2015 година, Job Fair ги изненади сите со тоа што се одржа во два дела, од коишто првиот дел се одржа во март, а вториот во мај. Преку ова дводелно издание, дваесет и шестте партнер-компании имаа можност уште подобро да се претстават пред студентите. Саемот не беше поделен само временски, туку и според област. Па така, првиот дел „Vol.1 Build Your Future“ беше посветен на градежништвото и архитектурата, и холовите на Градежен факултет и на Архитектонски факултет ги исполни со штандови и со студенти желни да се запознаат подобро со компании од тие области. Вториот дел „Vol.2 Get Technical“ им даде можност на техничките и ИТ компаниите да се претстават пред студентите во холовите и предавалните на комплексот технички факултети. Ваквата поделба даде поголем фокус на одредена област и придонесе кон голема посетеност.

Постигнување на рекорден број на партнер-компании

Иако не е главната цел да се рушат рекорди, туку да се постигне целта на настанот, сепак големите бројки придонесуваат кон успешноста на Job Fair. Бројот на компании на саемот постојано од година за година флуктуира, но во 2016 година броеше рекордни 36 партнери, и сите од нив имаа можност да се запознаат со работниот кадар и да им го доловат на студентите она што сакаат да го постигнат како компанија.

Првото виртуелно издание на Job Fair и воспоставување на vjobfair.org.mk како кариерна платформа

По петнаесет успешни изданија на Job Fair, во 2020 година, се соочивме со нов предизвик ‒ како успешно да го изведе саемот во услови на пандемија? По долги дискусии и критичко размислување, пред студентите и компаниите претставивме нов виртуелен Саем за вработување и кариера. Поради условите, сите активности на саемот се префрлија онлајн, а веб-страницата прерасна во кариерната платформа vjobfair.org.mk, на којашто се наоѓаа виртуелните штандови на сите партнер-компании, опремени со информации и огласи.

Покрај новата кариерна платформа, саемот за првпат се одржа целосно на конференциската платформа Zoom. И покрај тоа што сѐ се одвиваше онлајн, настанот повторно успеа да допре до голем број студенти и да ги доближи седумнаесетте партнер-компании до работниот кадар.

Земајќи ги предвид сите околности, прераснувањето на Job Fair во долгогодишна традиција не беше лесно. Сепак, секоја година непрестајно работиме на остварувањето на овој саем, бидејќи, како студенти, директно го чувствуваме влијанието што Job Fair го има не само врз нас студентите, туку и врз компаниите. Успешното остварување на контакт меѓу студентите и компаниите е причината зад многу интервјуа, понудени пракси и работни позиции, и безброј успешни приказни. Сите тие успешни приказни, пак, се причината зад успешната приказна на Job Fair, која продолжува и понатаму со претстојното седумнаесетто издание што ќе се одржи во ноември. Без разлика на обликот во којшто се одржува, што ново нуди и што ќе смени или подобри, Саемот за вработување и кариера – Job Fair постојано ќе се стреми да оствари контакт меѓу студентите и компаниите и да им даде кариерна поддршка на студентите, и ќе биде традиција што постојано се развива и ги движи студентите чекор поблиску до својата кариера.