Човекот низ историјата има создавано чудотворни иновации, кои го обликуваат светот и менуваат животот на безброј луѓе. Од создавање на тркалото до самоуправувачки автомобили со помош на вештачка интелигенција, амбициозните и креативни инженери низ светот наоѓаат начин да покажат дека сè уште има простор за нови воодушевувачки иновации коишто ќе го подобрат секојдневието.
Ова се сите најнови и неверојатни иновации за 2021 година:
1. 3Д принтани куќи и живеалишта
Изработката на 3Д принтани предмети станува сè позастапено во последната деценија. Со оглед на брзиот развој и зголемената побарувачка од оваа индустрија, се има зголемено и потребата за разни секојдневни корисни предмети што би биле поисплатливи да се испринтаат отколку да се изработат рачно или да се купат.
Таков е случајот со 3Д принтаните куќи. Оваа индустрија веќе има забележано брз напредок во развиените држави, а би претставувала многу поисплатлива алтернатива и за државите во развој. Во овие држави, ограничената инфраструктура претставува предизвик за испораката на материјалите потребни за стандардното градење на живеалишта. 3Д принтерите пак, го елиминираат овој предизвик за речиси 95%, со тоа што можат да се искористат и локално набавени материјали,како на пример, глина и песок и да се употребат за принтање, а сепак да нема голема разлика во квалитетот за финалниот продукт.
Оваа технологија може многу да придонесе за руралните и оддалечените средини, кадешто нема соодветен пристап до материјали и нема соодветен метод за транспорт за тие материјали.
2. Болести што можат да се откријат преку издишување
Со помош на најновите технолошки откритија од областа на медицината, дијагнозата на некои респираторни болести ќе може да се открие преку обично издишување. Најновите медицински апарати имаат посебни сензори што можат да откриваат присуство на болести така што ќе се анализираат преку 800 соединенија присутни во едно човечко издишување. На пример, зголемено количество на ацетон е индикатор за дијабетес. Примерокот од издишувањето поминува врз метален полуспроводник, а сензорите го анализираат тој примерок и забележуваат дали има промена во електричниот отпор на соединенијата.
Оваа нова технологија е сè уште во развој, но е на добар пат да почне да се применува на светско ниво, со оглед на тоа што според статистиките од испитувањата, може да достигне и до 95% прецизност.
3. Инженерски модифициран подолготраен и поздрав живот
Процентот на светското население што има над 60 години речиси ќе се дуплира, од 12 на 22 проценти до 2050 година, според предвидувањата на Светската Здравствена Организација. Стареењето е поврзано со зголемена шанса за појава на разни акутни и хронични заболувања, меѓу кои најчести се рак, деменција, тип 2 дијабетес и срцеви болести.
Според најновите истражувања, откриено е повеќе за механизмот на стареење на молекуларно ниво. Ова откритие освен што би помогнало за живеење на подолг живот, би помогнало да живееме и поздрав живот. Со помош на биолошки технологии за истовремено мерење на генската активност или протеинската концентрација во една ќелија, научниците ќе можат да препознаат индикатори за идни болести и навремено да ги спречат пред да се развијат.
4. Бионичка рака на склопување – проект на млади иноватори од Македонија
Бионичката рака на склопување е македонска иновација, создадена од тимот „Ebionics”, кои го сочинуваат четири средношколци од училиштето „Јахја Кемал” во Скопје. Тимот е победник на светскиот натпревар „Generation Unlimited Youth Challenge“ и нивната иновација го носи името „ВенусАрм”.
„Ebionics” велат дека нивната цел е секој што има потреба од бионичка рака да може финансиски да си ја дозволи. На нивната веб-страна може да се нарачаат сите составни, 3Д испринтани делови, заедно со упатствата, и да се состави раката за еден час. Нивната бионичка рака со сите составни делови чини околу 200 евра, наместо готовите протези од специјални продавници што можат да чинат и до 7000 евра.
Сите потребни делови и упатства за составување на истата се достапни за продажба и можат да се најдат на https://ebionics.org
Доколку и вие имате идеја за ваша иновација, EBEC – Европскиот БЕСТ инженерски напревар организиран од БЕСТ Скопје е настанот кадешто вашата идеја може да стане иновација.
Следете нѐ на Facebook и Instagram (@bestskopje) за повеќе информации.