ИНЖЕНЕРСКИ НАТПРЕВАР 2022

Еден од настаните што се организираат секоја година од страна на БЕСТ Скопје се инженерските натпревари. Овие натпревари се од големо значење за секој студент од техничките факултети, заради неколку причини: се учат нови вештини од областа на инженерството, се запознаваат нови колеги и студентите се поврзуваат со техничките компании, партнер-компаниите на инженерскиот натпревар. Со ова, се остваруваат конекции кои потоа се голем бенефит во кариерата на еден студент.

Инженерски Натпревар 2022 се ближи, и апликациите се во тек. Одлучивме да прашаме неколку наши претходни успешни натпреварувачи да го споделат нивното искуство од натпреварувањето на БЕСТ Инженерски Натпревар.

За нивниот успех ќе раскажат:

  • Владимир, студент на ФЕИТ кој учествуваше на претходното издание на Инженерскиот натпревар на БЕСТ, на пролет 2022, и се натпреваруваа во категоријата Case Study
  • Милан, студент по Физика, кој дозна за Инженерскиот Натпревар на БЕСТ преку социјалните медиуми, со неговиот тим учествуваше во категоријата Innovative Design 
  • Мила, студент во трета година на ФИНКИ, учествуваше со нејзиниот тим на Инженерскиот Натпревар на БЕСТ во 2021 година и се натпреваруваа во категоријата Case Study

1. Зошто според тебе е битно да се учествува барем еднаш на ваков натпревар?

  • Владимир:  Учеството на еден ваков натпревар овозможува многу нови познанства со други студенти и компании, и стимулира развиток на дополнителни вештини кои не се изучуваат на факултет.
  • Милан: Ваков натпревар е добра шанса за идните инженери кои што сакаат креативни предизвици и сакаат да се натпреваруаат. 
  • Мила: Вакви натпревари дозволуваат да се запознаеме со практичната примена на тоа што го учиме на и ни дава можност да истражуваме и креираме.

2. Што те натера да се пријавиш за ваков натпревар?

  • Владимир:  Заедно со мојот тим сакавме да си ја пробаме среќата и да научиме нешто ново.
  • Милан: Можноста да учествувам на натпревар каде што можев да се запознам со технички компании.
  • Мила: Желбата за нов предизвик беше причината зошто сакав да учествувам.

3. Како би го опишал искуството во една реченица?

  • Владимир:  Искуството беше одлична шанса да излезам од мојата комфорна зона и да научам нешто ново за себе како инженер и како тимски играч.
  • Милан: Тоа беше едно позитивно и инспиративно искуство со коишто се добиваат многу нови шанси и идеи.
  • Мила: Иновативен предизвик совладан со тимска работа, истражување и развој на идеи.

4. Кои беа твоите очекувања за настанот? 

  • Владимир:  Очекував дека ќе запознаам многу луѓе и дека ќе научам нови нешта, а моите очекувања беа исполнети во целост.
  • Милан: Не знаев што да очекувам, но бев возбуден за натпреварот.
  • Мила: Бидејќи не знаев многу за како точно е организиран настанот, немав некои посебни очекувања.

5. Кои вештини ги стекна? Кои вештини ги надогради? 

  • Владимир:  Стекнав многу технички вештини, но и меки вештини како што е тимската работа и организација.
  • Милан: Самата работа во тим и можноста да се биде креативен, но и да се почитуваат мислењата на луѓето од својот тим може многу да Ве научат за комуникациските вештини коишто се потребни во професионалниот свет. 
  • Мила: Со овој натпревар успеав да ги надоградам моите истражувачки, презентациски и комуникациски вештини.

6. На кој би му го препорачал натпреварот?

  • Владимир:  Натпреварот би го препорачал на секој кој сака да проба да реши некој реален проблем на инженерски начин, без разлика дали се работи за некој со инженерска или пак друга позадина.
  • Милан: Натпреварот би го препорачал на сите компетитивни студенти кои имаат желба да ја изразат својата способност за решавање на инженерски проблеми.
  • Мила: На секој што сака да се испроба во вистинскиот свет на инженерството на еден интересен начин.


Прифати го предизвикот и пријави се за ИН со твојот ТИМ! Тимовите ќе се состојат од 3 до 5 члена. Доколку се пријавуваш сам или со уште еден, ќе ви биде доделен тим. Натпреварот ќе се одржи од 12.12 до 16.12, а може да се пријавите на оваа форма, краен рок за пријавување е  06.12.

Повеќе информации може да дознаете на Facebook event-от ИН 2022 – Инженерски натпревар, на нашиот Instagram профил @bestskopje или на официјалната веб страна на ИН.

БЕСТ Скопје ви посакува успешен натпревар!