Уживањето во најдобриот стxудентски живот започнува со искористување на сите можности кои ти се понудени! БЕСТ Скопје е организација која им помага на студентите да го развијат социјалниот, професионалниот и кариерниот аспект од нивниот студентски живот, на интересен и ангажирачки начин. Неколку алумни членови ја имаа можноста да раскажат за својот студентски живот со БЕСТ Скопје, а ние им дадовме простор да го споделат своето искуство!
Џемо Шабани:
Кога започнаа моите факултетски денови, не замислував дека еден ден ќе станам дел од студентска организација. Уште помалку верував дека токму тоа време поминато во неа ќе стане најубавиот и најзначајниот период од мојот живот досега. БЕСТ дојде во мојот живот сосема случајно, со патување во странство на курс организиран од локална БЕСТ група во Белгија. Тој настан ми ги отвори очите кон Европа, но истовремено ме упати кон БЕСТ Скопје. Таму најдов нешто бесценето, што не можев на било кое друго место да го најдам – пријателства и спомени кои те изградуваат како човек, и остануваат за цел живот. Затоа ако вашиот животен пат случајно ве донесе во БЕСТ Скопје, или доколку се случи го читате овој текст, дадете шанса на БЕСТ, бидејќи може да има прекрасно влијание на вашите студентски денови. Во една многу позната серија, еден лик по име Тед Мозби со причина кажува дека најголемите и најзначајните моменти во нашите животи не се секогаш работите што ги правиме, туку можат да бидат и работите што едноставно ќе ни се случат.
Георги Камчевски:
Цело средно бев интровертна бубалица, и затоа сите ми велеа дека на факултет нема да кренам глава од книга. Јас си реков дека сакам да живеам, сакам да уживам во овие години, да не бидам цел ден над книга и да имам досаден и монотон студентски живот. Потоа се случи БЕСТ. Се запознав со многу луѓе, се здружив со истите, станав многу посоцијален и комуникативен. Научив многу работи, вложив во многу настани, се журкав (колку што можев, а можев и повеќе). БЕСТ ми покажа една страна на студентскиот живот за која ако не се зачленев, ќе имав дипломирано ама ќе останев монотон човек кој ги нема проживеано најубавите години од студентскиот живот, нема стекнато пријатели и направено контакти.
Маја Крстева:
Да се навратам сега наназад, не би можела да си го замислам студентскиот живот без БЕСТ. Зошто БЕСТ, ќе си речете? Бидејќи отвора огромен број на познанства, добиваш знаења од различни сфери за кои претходно не си мислел/а дека би те интересирале, а воедно и запознаваш луѓе кои ти остануваат пријатели за цел живот. Голем дел од времето и паузите на факултет ми поминаа во бараката на БЕСТ, и секојдневните дружби со студенти од различни факултети од кои дознаваш по нешто ново. Сега тие луѓе веќе се сите вработени, но кога и да се вратиме се чувствуваме како повторно да сме на почетоците на тоа магично БЕСТовско искуство.
Сакаш да слушнеш уште повеќе приказни за како БЕСТовската приказна може да го направи твојот студентски живот легендарен? Дојди на 28.02 на ТМФ (Техничко-металуршки факултет) во 117ка во 19:00ч на информативен состанок за нови членови.