Како до подобар LinkedIn профил?

Од проширување на професионалната мрежа до градење доживотни врски, LinkedIn е вистинската платформа на која студентите може да се поврзат со идните работодавци и да ја изградат својата кариера. Корисничките профили на LinkedIn се вид дигитални CV-ја и ја претставуваат личноста како и работодавецот. Иако многумина се уште се прашуваат дали овој нов социјален медиум е круцијален за нивното професионално напредување, еве неколку причини зошто LinkedIn е извонредна алатка.

LinkedIn функционира како бизнис картичка и CV во едно. Додека стандардното CV е една страница, профилот на LinkedIn може да се смета за интерактивно CV.

LinkedIn е еден вид бизнис социјална мрежа бидејќи освен дигитално CV, корисниците можат да споделуваат слики, текстови, постови што значи дека LinkedIn создава платформа каде корисниците ќе може да се вмрежат со слични личности. Покрај вмрежувањето, работите што се споделуваат дефинитивно се од голема помош за прикажување на идентитетот, интересите и вредностите на човекот. 

Преку платформата одлично се прикажува искуството,знаењето и кариерата на личноста. А бидејќи е професионална мрежа, нивото на дискусии е повисоко.

Иако LinkedIn нуди одлични можности, сепак треба да се користи правилно за да можете да се истакнете пред работодавците. Еве неколку совети како да му дадете сјај на вашиот профил:

1. Посветете внимание на „headline“ делот

Пред некој да ви го отвори профилот, без разлика дали ве пребарувале или имаат видено ваш коментар на нечија активност, првото нешто што ќе го видат е делот headline заедно со името. Овој дел треба накратко да содржи која е вашата работна позиција и што е она за кое се залагате.. Овој дел има големо значење за тоа колку прегледи ќе добие вашиот профил. Доколку сте студент, можете да впишете “Student at (факултетот на којшто студирате). LinkedIn нуди опција да погледнете кој ви го има отворено профилот. Во оваа листа заедно со името и профилната слика, се наоѓа и headline делот. Можеби делува како едноставна кратка реченица, но може да има големо влијание врз тоа дали некој ќе ви го отвори профилот бидејќи првите впечатоци се најважни.

2. Профилна слика

Профил кој има слика е подоверлив за работодавците затоа што со неа веќе пробивате една бариера т.е. Се чувствуваат како подобро да ве знаат. Иако сликата не мора да е направена во студио сепак се препорачува да изгледа професионално и да не е обично селфи. Добра слика за LinkedIn е онаа која го истакнува вашиот потенцијал и им дава до знаење на луѓето со кои се поврзувате во мрежата дека сериозно ја сфаќате кариерата.

3. Препораки

Препораките се напишани од вистински луѓе кои можат да докажат и да ги препорачаaт вашите способности, затоа тие се убедливи за секој што би сакал да соработува со вас. LinkedIn овозможува “Ask to be recommended” опција каде што може да наведете за која способност би сакале да бидете препорачани. Препораките треба да бидат напишани од одредени луѓе со кои што имате соработувано претходно, а не тие да бидат бирани случајно. Препораките може да бидат напишани од соработници, претходни работодавци, клиенти или бизнис партнери. 

4. Комуникација 

По креирањето на LinkedIn профилот, можете да се поврзете со познаници, колеги или луѓе кои ве инспирираат во кариерата. Наместо да ги додавате сите кои ќе ви бидат понудени, внимателно разгледајте ги оние кои имаат некаква вредност за вашиот бизнис или кариера. Она по што LinkedIn се разликува од другите социјални мрежи е тоа што посветува големо внимание на личното брендирање.

LinkedIn ви овозможува да ги прикажете вашите искуства, вештини и препораки.Токму LinkedIn е многу корисен за студентите кои се во потрага по работа или пракса. Еден таков начин да го искористите LinkedIn профилот е JobFair- саем за кариера и вработување организиран од БЕСТ-Скопје. Бидете спремни за овогодинешното издание на Job Fair 2023 кое ќе се случи од 13ти до 17ти Март. Искористете ја приликата и направете си LinkedIn профил и дојдете спремни за настанот.